Куманово никогаш не се отпишува, херојски камбек и влез во Супер-лигата

Куманово повторно ќе биде дел од Супер-лигата, по одличниот финиш на сезоната во кој избраниците на Александар Петровиќ успеаја да ја добијат трката со Фени индустри и да стигнат до толку посакуваната шеста позиција на табелата. Пред само една седмица делуваше како кумановци да се наоѓаат на работ на амбисот, кога по несреќниот пораз од МЗТ Скопје шансите за Супер-лига беа сведени на теорија.

Сепак, Петровиќ успеа да го извлече најдоброто од своите избраници кога беше најважно, па во меѓусебен дуел со Фени индустри кошаркарите на Куманово доминираа од почеток до крај, за вчера да го добијат и дуелот со Блокотехна, со убедливи 21 поен разлика. Рака на срце, имаа и многу среќа во драматичниот финиш во Кавадарци меѓу Фени индустри и МЗТ Скопје, но среќата ги следи храбрите, па кумановци сосема заслужено повторно ќе бидат дел од самата елита.

„Бевме најдобри кога беше најважно, горди сме што тоа е одлика на овој наш тим, во кој шанса добиваат и голем број на млади играчи“ – порачуваат од Куманово.

И навистина, во сезона која како по навика за кумановци повторно беше одбележана со доцнења на плати и блокади поради долгови кон екс-кошаркари, тренерот Петровиќ и играчите се издигнаа над сите проблеми и одговорија на предизвикот – за Куманово повторно да игра во Супер-лигата.

Се вчитува...