Куманово освоено: Гостивар не се откажува од третото место

Гостивар ја оправда фаворитската улога и славеше на гостувањето против Куманово со 81-88, експресно рехабилитирајќи се од домашниот пораз од Блокотехна во минатото коло. Воедно, гостиварци со овој триумф јасно ставија до знаење дека немаат намера да се откажат од борбата за третото место на табелата, кое би значело избегнување на МЗТ Скопје во полуфиналето од плејофот.

Дуелот почна со апсолутна доминација на гостите, кои веќе во петтата минута стигнаа до првото двоцифрено водство (4-15). Ковач беше единствениот расположен за игра кај кумановци, а штом доби помош од Ѓекиќ домашниот тим се врати, па накратко и поведе со 25-24 во втората четвртина. Сепак, во вистиски момент за гостиварци во ритам влезе Костоски, кој со осум поени во низа ја врати позитивата на гостинскиот состав.

На одмор се замина со минимално водство на Гостивар од 45-46 по тројката на Мекиќ, но избраниците на Србиновски потоа одиграа одлично во третата четвртина, добивајќи ја со 14-26. Кумановци во последниот период дојдоа на „минус три“ (76-79), но немаа сили за целосен пресврт, па Гостивар на крајот заслужено славеше со 81-88.

Ефианаи со 27 поени беше главна фигура на овој натпревар, Костоски и Фурстингер постигнаа по 15 поени за Гостивар, а најефикасни во таборот на Куманово беа Ковач со 21 и Думиќ со 20 постигнати поени.

Се вчитува...