На 27 септември во Куманово ќе се одржи шестото издание на градскиот триатлон „Стопанска Триоги Триатлон Куманово 2026“, спортски настан кој ги обединува натпреварувачите од сите возрасти – од најмладите категории до искусните триатлонци. Организатор на трката е СТК Триоги Рејсинг Скопје, а се очекуваат 300 триатлонци од 9 европски држави.
Со техничка поддршка на Триатлон Федерацијата на Северна Македонија, стартот и целта на натпреварот ќе бидат на Градскиот базен Куманово. Пливачкиот сегмент ќе се одвива на базенот, велосипедската делница ќе минува по дел од булеварите „Октомвриска Револуција“ и „Трета Македонска Ударна Бригада“, додека тркачкиот сегмент ќе се одвива околу спортскиот центар.

Главната трка ќе се реализира на спринт дистанца – 750 метри пливање, 20 километри велосипед и 5 километри трчање, а покрај сениорската конкуренција, предвидени се категории за јуниори, кадети, деца и рекреативци.
- Сениори, Јуниори, Мастерс – 750м пливање – 20км велосипед – 5км трчање
- Кадети – 400м пливање – 10км велосипед – 2,5км трчање
- Деца 2 – 175м пливање – 5км велосипед – 1км трчање
- Деца 1 – 75м пливање – 2км велосипед – 500м трчање
Посебен дел од програмата е и тимскиот триатлон 1+1, во кој тимовите ќе бидат составени од еден машки и еден женски натпреварувач. Секој член на тимот ја комплетира целата дистанца од 175 метри пливање, 5 километри велосипед и 1 километар трчање. Тимскиот триатлон е наменет за учесници родени 2013 година и постари.

„Стопанска Триоги Триатлон Куманово 2026“ е настан создаден и за оние кои сакаат за прв пат да се пробаат во триатлонот. Упатуваме отворен повик до сите љубители на спортот да бидат дел од оваа спортска авантура и да го направат својот прв или нов чекор во триатлонот.
Пријавувањето е отворено до 20 септември 2026 година, или до исполнување на максималниот број од 300 учесници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
