Куманово се засили со американска „машина за блокади“

Куманово по потпишувањето на договори со голем дел од ланските македонски кошаркари успеа да го договори и првото странско засилување за следната сезона. Прв избор на новиот тренер Владимир Мирковски е Американецот Хулио Гуити, 25-годишен кошаркар висок 206 сантиметри кој настапува на позицијата центар.

Станува збор за играч чиј главен квалитет е играта во одбрана, за што најдобар доказ е просекот од четири блокади по натпревар во последните две сезони. Сепак, мора да се истакне дека тој досега бил дел од шампионатите на БиХ, Малта и на Ерменија, лиги со реноме под она на македонското првенство. Тој покрај одличниот просек на блокади, има и дабл-дабл ефект од 10 поени и 12,2 скокови по натпревари во овие европски лиги.

За очекување е кумановци во најскоро време да ги финишираат и преговорите со Марјан Јаневски, со што би задржале уште еден клучен играч од ланскиот ростер. Воедно, „сино-белите“ до вечерва очекуваат конечен одговор и од Атанасов, за чии услуги се интересира и тимот на ФМП.

Се вчитува...