Куманово стави крај на серијата порази – славеше против Феникс

Куманово стави крај на серијата од седум порази во низа во Првата лига откако славеше на домашен терен со 103-98 против новајлијата Феникс. Кумановци предноста стекната на отварањето на натпреварот не ја испуштија до самиот крај, одолеаја на налетот на гостите и сосема заслужено стигнаа до вториот триумф во првенството.

Отварањето на натпреварот му припадна на Куманово кој благодарение на расположениот Зивчевиќ и неговите четири тројки стигна до комотна предност (17-9), но избраниците на Мирковски не успеаја да го задржат ритамот. Феникс одговори со агресивна одбрана и го сопре налетот на противникот, а добриот проток на топката носеше и лесни поени за враќање на резултатската неизвесност. Гостите во еден момент стигнаа и до негатива од само еден поен, но ‘сино-белите’ ја задржаа предноста по 10. минути игра (27-23). Агресивната одбрана на домашниот состав донесе лесни поени на спротивната страна па Куманово повторно го наметнаа темпото, а со добрата игра во рекетот стигна и до двоцифрена предност (41-30). Тајмаутот на Дервишевиќ за момент вроди плод па гостите возвратија со добра игра во одбраната, а преку Морган и Митревски јa преполовија негативата, но не успеаја да го задржат ритамот. Куманово продолжи да изнаоѓа решенија во рекетот, продолжи и со добрата реализација за три поени па ја задржа високата предност на полувремето (60-51).

Почетокот на второто полувреме не донесе драстични промени. Феникс влезе помотивирано во вторите дваесет минути па ја намали негативата, но домашниот состав навремено ги консолидираше своите редови и повторно стигна до двоцифрена предност. Куманово истата ја одржуваше до последната минута од третата четвртина, но гостите со добрата одбрана успеаја да го натераат домаќинот на долги напади и изгубени топки, а добро одговорија и во играта под рекетот за негатива од 75-71 пред одлучувачката последна четвртина. Во неа Феникс стигна и до негатива од само еден напад, но избраниците на Мирковски не дозволија и целосно враќање. Домашниот тим продолжи да ги користи сите пропусти на гостите во одбраната па преку ‘пик играта’ ја врати и високата предност која овој пат не ја испушти и покрај доцното враќање на Феникс.

Предводник на Куманово со 24 поени и 8 скока беше Ненад Зивчевиќ. Него го следеа Глигоријевиќ со 20 поени и 8 скока и Николиќ со 16 поени и 6 асистенции. Дабл-дабл од 24 поени и 11 скока забележа Двејн Морган, еден поен помалку додаде Џоунс, додека со 18 поени и 5 скока мечот го заврши Митревски.

Се вчитува...