Кумановци амбициозни: Сакаме во АБА2… преговори со Мирковски, Симоновски…

Куманово направи значаен успех откако минатата сезона успеа да стигне до Супер-лигата иако настапи со значително подмладен состав. Сезоната беше прекината, но кумановци нема да отстапат од стратегијата да им дадат шанса на дел од помладите кошаркари да се промовираат на елитната сцена. Останува дилемата дали тоа ќе биде под водство на Александар Петровиќ, кој успешно го водеше тимот во последните две сезони, или пак за нов кормилар ќе биде доведен Владимир Мирковски, младиот стратег кој си замина од клупата на ФМП.

„Разговараме и со двајцата тренери, ги слушаме нивните услови што ги бараат, како и идеите за развој на клубот. Се уште немаме донесено одлука дали ќе продолжиме со Петровиќ или пак со Мирковски, но наш приоритет сигурно ќе биде и во иднина да играат што повеќе домашни играчи. Јасно ни е дека со нив не може да се бориме за титула, но за мене лично како претседател важно е тие млади кошаркари да се развиваат во вистински правец, воедно и да остваруваат добри резултати како во претходните сезони. Од домашните играчи заинтересирани сме и за Симоновски и за Караколев, но чекаме прво да ни биде изгласан буџетот, па потоа да тргнеме во конкретни преговори“, вели Александар Крстевски, претседател на КК Куманово.

Голема желба на „сино-белите“ е да настапуваат и во регионално натпреварување, па ќе се обидат да аплицираат и за АБА2-лигата.

„Ние и минатата сезона сакавме да играме во АБА2, а сега клубот се наоѓа на многу поздрава основа отколку лани. Згора на тоа, очекуваме големата сала да биде реновирана, така што би можеле да играме регионално натпреварување пред нашите верни навивачи. Не знам колку е тоа изводливо бидејќи слушаме дека и Работнички планира да аплицира, но доколку има место за Куманово ние ќе сториме се за да станеме дел од АБА2“, порачува Крстевски.

Еден од приоритетите на новата управа е развојот на младинската школа, а Крстевски најавува и стартување на тим во женска конкуренција.

„Горди сме што сега дел од нашата школа се над 500 деца, кои се иднината на нашиот клуб. Почнуваме и проект за формирање на женска екипа, сигурно ќе пријавиме најмалку еден тим во младинските лиги, а доколку се исполнат некои услови би можеле да имаме женски клуб и во Првата лига. Најважно ни е што клубот се движи во вистински правец и очекуваме овој тренд да продолжи и во наредната сезона“, истакнува првиот човек на КК Куманово.

Се вчитува...