Кумановци го препливаа Вардар

Куманово славеше со 77-85 на гостувањето против Вардар, во рамките од првото коло од новата кошаркарска сезона. Иако со подмладен и значително променет тим во однос на лани, кумановци одговорија на предизвикот и тргнаа триумфално, во меч во кој за ривал го имаа повратникот во елитното друштво.

Според ланскиот „ранкинг“ се очекуваше можеби и поубедлива победа на гостите, но „вардарци“ предводени од Американецот Провел одлично парираа. Во поголем дел од првата четвртина двете екипи се менуваа во водство, за по десет минути игра резултатот да гласи 14-17. Кумановци кон средината на втората четвртина првпат стигнаа и до двоцифрена предност (13-23), но Вардар сепак успеа да се врати, па на одмор се замина со 34-38. Гостите потоа имаа и „плус тринаесет“ (41-54) во третиот период, по што избраниците на Александар Петровиќ рутински ја одработеа задачата до самиот кај, за конечни 77-85 и победнички старт на сезоната.

Ковач постигна 20 поени за Куманово, стрелец на 17 поени беше Игор Пенов, а 13 постигна Мекиќ, додека прв стрелец на Вардар при денешниот пораз беше Провел со 32 поени.

Се вчитува...