Куп: Феникс 2010 дебитираше со победа и закажа полуфинале со МЗТ Скопје

Феникс 2010 закажа полуфинален натпревар против МЗТ Скопје во Купот на Македонија откако славеше во четвртфиналето против Работнички со 49-74. Новајлијата во второто полувреме успеа да го скрши отпорот на ‘црвено-белите’ со добра игра во одбраната и контрола на скокот до што сосема заслужено дебитираше со триумф во престижното натпреварување.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на отварањето на натпреварот, а благодарение на агресивната одбрана Работнички поведе со 9-4. Сепак новајлијата не дозволи дополнително одлепување на ‘црвено-белите’, успеа да ја смири топката во нападот, го затвори рекетот, а со тоа да се приближи на 13-11 по 10. минути игра. Во продолжението Феникс успеа да ја крене реализација во нападот каде стигна и до поени од втора шанса па поведе со 18-23, но нашиот најтрофеен клуб одговори со серија на тројки и не дозволи зголемување на предноста, за на полувремето негативата да биде само еден напад (28-30).

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме, но агресивната одбрана на Феникс успеа да го промени текот. Избраниците на Дервишевиќ ја пробија зонската одбрана со шут за три поени на Митревски па стигнаа до двоцифрена предност (37-47). ‘Виолетово-жолтите’ го задржаа моментумот и до крајот на третата четвртина па ја зголемија предноста на 39-53. Последната четвртина не донесе промени на паркетот. Феникс го контролираше скокот, а со тоа и темпото на мечот, стигна и до лесни поени па поведе со 22 поени разлика (41-63) и ги реши сите дилеми за патникот во полуфиналето.

Горјан Марковски беше прво име во Работнички со 13 поени, додека него го следеа Данаиловски со 11 поени и 4 асистенции и Какруки со 10 поени и 4 скока. Андреј Митревски беше лидер на Феникс 2010 со 18 поени и 5 асистенции, 14 поени додаде Морган, додека како двоцифрен мечот го заврши и Трајковски кој на десетте поени додаде и 4 скока.

Се вчитува...