КУП: МЗТ Скопје за јубилејната „десетка“, Работнички за продолжување на низата

Тридневниот спектакл во СРЦ „Кале“ денеска од 17 часот и 30 минути ќе биде одбележан со „вечно“ дерби кое ќе одлучува за титулата во Купот на Македонија кој од оваа година го носи името на легендата на македонската кошарка, Благоја Георгиевски – Буштур.

На патот до финалето МЗТ Скопје дојде со рутинска победа над Куманово на првиот ден од турнирот, додека вчера во полуфиналето избраниците на Радуловиќ лесно славеа и против Академија ФМП. Работнички пак се намачи за да дојде на 40. минути до трофеј. Четвртфиналниот дуел против ТФТ, како и полуфиналниот натпревар против Еуро Никел беа добиени на „една топка“.

Доколку судиме по натпреварите од Купот, МЗТ Скопје на овој меч влегува со блага предност со оглед на одиграните натпревари и долгата клупа во која на двата меча сите играчи добија шанса. За разлика од „сино-белите“, товарот во редовите на Работнички во четвртфиналето и полуфиналето паѓаше на стартерите па ќе биде интересно да видиме како ќе изгледаат избраниците на Мираковски во текот на натпреварот.

Во фокусот на денешниот меч повторно ќе бидат дуелите во рекетот од каде доаѓа најголемата опасност на Работнички. Филип Бундовиќ ја докажа својата доминација на натпреварот против Еуро Никел, но и аеродромци во своите редови имаат играчи кои можат да му парираат на Хрватот.

Работнички во полуфиналето го одмараше Тортон, додека на неговото место настапи Аска, па на денешниот меч се очекува враќање на Американецот во ростерот, особено доколку се земе во предвид учинокот на овој играч на последниот меѓусебен натпревар одигран во Аеродром. МЗТ Скопје пак вчера го изостави Тарнер, а неговото место го превзема Олуџоби па ќе биде интересно да видиме кој странец ќе биде прекуброен кај „сино-белите“, земајќи го во предвид учинокот на Бојиќ на дуелот против ФМП.

Меѓусебените дуели помеѓу нашите најголеми кошаркарски клубови оваа сезона беа вистинско уживање. Три натпревари и три неизвесни завршници чиј епилог беше две победи на Работнички и една на МЗТ Скопје. „Сино-белите“ сеуште не запишаа победа над вечниот ривал на домашно тло, но славје против големиот ривал денеска ќе биде и повеќе од добредојдено за источната страна од Скопје.

Се вчитува...