Купот ќе биде „вечен“ – Бундовиќ го предводеше Работнички до финале

Работнички му се приклучи на МЗТ Скопје во финалето од Купот на Македонија откако во полуфиналето славеше над Еуро Никел со 85-79. Двата тима приредија изедначен натпревар кој беше одлучен во последната минута од средбата, а херој на „црвено-белите“ беше Филип Бундовиќ кој постигна седум од последните девет поени на нашиот најтрофеен клуб.

Работнички ја зема иницијативата во свои раце на самото отварање на натпреварот кога преку играта во рекетот стигна до предност од 9-0, но кавадрачани брзо ги консолидираа своите редови. Шутот од далечина ги служеше избраниците на Самарџиев па Еуро Никел во еден момент ја превзеама преднсота, но сепак финишот на првата четвртина им припадна на „црвено-белите“ кои благодарение на добрата одбрана поведоа со 24-20. Неизвесниот натпревар продолжи и до крајот на првото полувреме до кое и двата тима и свои шанси на теренот. Работнички во поголемиот дел од втората четвртина го контролираше резултатот со добрата игра на Бундовиќ, додека при самиот крај блесна Соколов и Петровски во редовите на Еуро Никел па кавадарчани на полувремето заминаа со предност од 44-47.

Еуро Никел подобро го отвори второто полувреме во кое стигна и до предност од 48-55, но четвртата лична грешка на Рикиќ создаде проблеми во одбраната на низок пост за кавадарчани. Работнички одигра и агресивно во одбраната, а високите играчи на Мирковски од минута во минута ја топеа предноста. Во еден момент стигнаа и до негатива од еден напад, но Еуро Никел во вистинско време ги консолидира своите редови и ја задржа предноста по 30. минути игра (57-61). Изедначеното темпо продолжи и во последната четвртина во која Работнички се соврна кон шутот за три поени, додека Еуро Никел кон играта „два на два“ па ниеден тим не успеа да направи значајна разлика. Победникот беше решен во последната минута кога на крилјата на Бундовиќ кој „царуваше“ во рекетот на кавадарчани со седум поени во низа.

Филип Бундовиќ беше првото име во редовите на Работнички со 29 поени и 4 скока, 17 поени додаде Мулалиќ, додека како двоцифрен со 12 поени натпреварот го заврши и Аска. Роберт Рикиќ и Јане Петровски беа првите имиња кај Еуро Никел со по 16 поени на кои Хрватот додаде и 8 скока.

Се вчитува...