Реал Мадрид не крие дека планира да го ангажира белгискиот тандем на Челси, Тибо Куртоа – Еден Азар, но тоа нема да биде нималку лесна задача за Флорентино Перез. Поточно, половина од предизвикот не е толку тежок, со оглед на фактот дека Куртоа има само уште една година од договорот со Челси, па лондонскиот клуб мора да го продаде летово, за да не го загуби без никаква отштета наредното лето.
Воедно, самиот голман инсистира на преселба во Мадрид, каде живеат неговите деца со девојката што му беше партнерка додека бранеше за Атлетико, поради што Куртоа воопшто не ги разгледува останатите понуди што пристигнуваат на негова адреса. Дел од медиумите објавија дека клубовите постигнале и договор висината на отштетата да изнесува 35 милиони евра, па се очекува трансферот на белгискиот голман да се официјализира до крајот на оваа седмица.
Многу потешко се очекува да одат преговорите за Азар, откако Роман Абрамович му ветил на новиот менаџер Сари дека Белгиецот ќе остане во неговата прва сезона во Премиер-лигата. Самиот фудбалер инсистира на трансфер, негова единствена желба е Реал, но има и уште три години од договорот со Челси, па ако клубот реши да не го продава, тешко дека ќе може да биде издејствувана преселба на „Сантијаго Бернабеу“. Се споменува понуда од 150 милиони евра, но јасно е – последниот збор ќе го има Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА