Куртоа контра Анчелоти: Мислам дека е време да позборуваме за тактиката на Реал Мадрид

Атмосферата во таборот на Реал Мадрид се спушти на катастрофално ниво по дебаклот на големото дерби со Барселона (0-4). Иако „кралевите“ се уште имаат удобна предност на врвот на табелата, немоќта во пресметката со каталонскиот гигант беше доволна причина за палење на „алармот“ во најтрофејниот европски клуб.

Најгласен во критиките беше голманот Тибо Куртоа, кој во изјава за шпанските медиуми алармираше дека што поскоро мора нешто да се менува во тактиката на тренерот Карло Анчелоти.

„Мислам дека е дојдено времето кога мора да се седне и да се разговара за тактиката. Тоа ќе го направиме внатре во соблекувалната, не вака јавно, но мора да сме свесни дека денеска ништо не функционираше, ниту на почетокот на средбата ниту пак во второто полувреме. На паузата искрено верувавме дека можеме да се вратиме, но по само десетина секунди игра во вториот дел Феран Торес остана „еден на еден“ со мене, што е недозволиво“, истакна Куртоа.

Најголемите критики Анчелоти ги добива поради тактиката со „лажна деветка“ што Реал Мадрид речиси никогаш не ја користи, овојпат оваа улога му припадна на Лука Модриќ, кој не само што беше отсечен од играта, туку и Реал ја загуби неговата инвентивност на средината на теренот.

„Игравме во куп-финалето со лажна деветка, едвај имавме шут до голот. Сега пак ни се случи истото. Не почнавме лошо, Валверде имаше шанса, но Тер Штеген одбрани и после тоа целосно пднавме. Не можевме да најдеме слободен играч за да му се додаде топката, можевме да загубиме и уште поубедливо, начинот на кој игравме во второто полувреме не е достоен кога се носи дресот на овој клуб“, критичен беше белгискиот голман.

Се вчитува...