Кутињо не игра во Билбао, ќе почне да се пакува

Филипе Кутињо се наоѓа на чекор до преселба во Баерн Минхен, трансфер што би требало да биде комплетиран најдоцна до крајот на викендов. Бразилецот во последен момент отпадна од комбинација за настап на вечерашниот дуел со Атлетик Билбао, а според каталонските медиуми причината е токму стравувањето од повреда што би можела да го наруши трансферот во последен час.

Преговорите се влезени во завршна фаза, а Баерн ќе го доведе екс-фудбалерот на Ливерпул на двогодишна позајмица, со можност до 2021 година да го откупи целосно неговиот договор со Барселона. Баварскиот гигант би платил околу 30 милиони евра за оваа позајмица, а Кутињо експресно би му се ставил на располагање на тренерот Нико Ковач во текот на следната седмица.

Германскиот шампион на сличен начин пред две сезони го позајми Хамес Родригез од Реал Мадрид, колумбискиот ас прикажуваше добри игри во дресот на Баерн, но поради честите конфликти со тренерот Ковач беше донесена одлука да не биде откупен неговиот договор со „кралевите“.

Се вчитува...