Кутињо од утре на „Камп ноу“, за Ливерпул 120 милиони евра

Филипе Кутињо ќе биде првото суперзасилување што Барселона ќе го доведе од парите од  Нејмар, откако каталонскиот гигант ги интензивираше преговорите со Ливерпул за ангажман на бразилскиот генијалец кој повторно ќе заигра крај Луис Суарез. „Беин спортс“ утрово обелодени дека преговорите се наоѓаат во завршна фаза и ќе бидат финиширани во текот на денешнио ден.

Целта на Барселона е Кутињо утре да пристигне на лекарски прегледи, за утре вечер да се појави и на „Камп ноу“ пред почетокот на „Гампер трофеј“ и пресметката со Чапекоенсе. Ливерпул долго време инсистираше дека најдобриот фудбалер на овој клуб не е за продажба, но на крајот пресуди желбата на самиот играч, кој побарал од Јирген Клоп да му биде дозволено да се пресели на „Камп ноу“. Првата понуда од 70 милиони евра на крајот прерасна во огромни 120 милиони евра (100 милиони при трансферот и уште 20 преку неколку клаузули), понуда што американските газди на Ливерпул се подготвени да ја прифатат.

Кутињо не настапи на вчерашниот последен контролен меч на „црвените“ против Атлетик Билбао, по што се појавија шпекулациите дека тој е подготвен за пакување на куферите и заминување од Ливерпул. Според последните информации, тоа ќе се случи во следните 24 часа. Барса покрај Кутињо ќе има и уште 100 милиони евра за доведување на нова суперѕвезда, а Валверде ќе треба да реши дали тоа ќе биде Дембеле од Борусија Дортмунд или пак Дибала од Јувентус.

Се вчитува...