Селекторот Горан Кузманоски не го криеше разочарувањето откако нашите млади ракометари со пораз од Словенија го стартуваа настапот на ЕП во Белград, уште повеќе ако се земе во предвид извонредното прво полувреме по кое Македонија имаше предност од шест гола.
Противникот беше на колена, но избраниците на Кузманоски потклекнаа во вторите 30 минути, му дозволија на противникот да се врати и да стигне до победата.
„Честитки до Словенија, која беше фаворит на овој натпревар. Ние покажавме квалитет, особено со добрата одбрана во првото полувреме. Имавме голема желба за победа и можеби ги изненадивме Словенците. Во второто полувреме се случи психолошки пад. Мислевме дека лесно ќе го добиеме натпреварот, попуштивме во одбраната, а во нападот имавме неколку нереализирани шутеви. Словенија, која е силна и квалитетна репрезентација, тоа го казни. Да бидам искрен, не сум задоволен, бидејќи одев на победа, иако Словенија сите ја гледаа како фаворит. Им кажав на играчите дека мора да одиме со 200% на секој меч. Ние ќе изненадиме, тоа е сигурно. Нема да се предадеме, иако до следниот натпревар нè делат само 24 часа. Ќе гледаме да се кренеме и да одиме напред. Желбата постоеше, но пресуди тој психолошки момент. Во последните четири-пет минути имавме шанса да се вратиме во егал, но пресуди една техничка грешка“, изјави Кузманоски после мечот.
Следен противник на младите македонски ракометари ќе биде Франција, меч што исто така ќе се игра со почеток во 12 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
