Кузмановски: Не се игра ракомет 60 минути без направен фаул

Ракометната репрезентација на Македонија со пораз од Шведска од 32-20 ги почна настапите на Светското првенство во Египет. Репрезентативниот бек, Филип Кузмановски вели дека невозможно е да се одигра еден натпревар без желба и без агресивна игра во одбраната.

„Отворивме најлошо до сега, никогаш не сме изгубиле на ваков начин со толкава разлика. Тоа што влеговме како замена за Чешка во последен момент не треба да биде изговор, бидејќи и противниците во последен момент дознаа дека ние доаѓаме. Не покажавме буквално ништо. Мора да го заборавиме дуелот со Шведска за да одиграме добро против Египет и Чиле. Треба да покажеме зошто сме тука. Ќе тргнам од мене, иако Египет е фаворит мора да се покажеме во одбраната, а за неа треба да имаш мадиња. Не може да немаш срце, да не направиш фаул во сите 60. минути, тоа е недозволиво,“ изјави Кузмановски. 

Во второто коло „црвено-жолтите“ ќе играат против домаќинот Египет, а натпреварот е закажан за утре во 18 часот.

Се вчитува...