Кузмановски: Нема калкулација, одиме по победа и во Злин

Македонските ракометари од денеска комплетни тренираат во пресрет на утрешното патување за Чешка и двомечот со оваа селекција за пласман на ракометниот мундијал што во јануари 2023 година ќе се одржи во Полска и во Шведска.

Филип Кузмановски, кој се повеќе се наметнува како лидер на оваа репрезентација, најавува дека нашиот национален тим е подготвен да атакува на триумф уште на првиот меч во Злин.

„Дуелите со Чешка веќе ни доаѓаат како некаква традиција, не знам колку пати веќе сме играле со нив и квалификации и на големите натпреварувања. Тие имаат нов селектор, мала предност за нас е што првиот меч ќе го играме таму, ќе одиме и таму на победа, како и на секој натпревар. Нема да калкулираме со резултат во смисол да гледаме да изгубиме со што помала разлика, па после во Скопје да бркаме негатива. Ќе одиме и таму да победиме. Гледавме видеа, немаме време. Видовте и сами, јас синоќа имав натпревар и веднаш потоа патував за Македонија. Имаат некој нов систем со новиот тренер, квалитетен е, не смеат да се потценат. Долго време се заедно, имаат квалитет. Ако се споредиме како игравме со Романија дома и таму… Во добра форма сме во клубовите, верувам дека ќе пружиме два добри натпревари и ќе се пласираме на светското првенство“, вели Филип Кузмановски.

Македонските ракометари утре попладне со чартер – лет патуваат за Чешка, а веднаш по мечот во среда ќе следи враќање во Скопје, каде националниот тим ќе продолжи со тренинзи се до неделниот реванш кој ќе го одреди патникот на СП 2023.

Се вчитува...