Кузмановски: Одиме со кренати глави, полни со самодоверба на мегдан со Вардар

Ракометарите на Е. Пелистер полни со самодоверба го очекуваат денешниот дерби дуел со Вардар, на кој би можеле со триумф во Скопје да ја запечатат новата шампионска титула.

Атмосферата е уште попозитивна по импресивното издание и победата од десет гола над Алкалоид, со која „пелистерци“ останаа со максимален ефект во плејофот и одлични пет бода предност во однос на Вардар во пресрет на ова дерби.

„Ова ќе биде сосема различен меч од оној првиот во кој рутински стигнавме до победата. Вардар ќе игра на домашен терен, ние можеби малку сме изморени бидејќи имавме тежок меч со Алкалоид. Тактички дотеравме некои работи во нашата игра, можеби ќе повториме одредени акции кои ни успеаја на првиот меч со Вардар, но најважно ќе биде да имаме вистински пристап на овој дерби меч. Одиме со кренати глави, полни со самодоверба на мегдан со Вардар, на последното дерби со Алкалоид покажавме извонреден карактер и се надевам дека истото ќе го демонстрираме и на претстојниот меч со големиот ривал“, изјави капитенот на Е. Пелистер, Филип Кузмановски.

Се вчитува...