Кузмановски: Подобри сме и од Финска и од Швајцарија, оваа репрезентација има уште многу што да покаже

Филип Кузмановски верува дека македонската репрезентација има и сили и квалитет со две победи, против Финска и против Швајцарија, да ги заврши квалификациите и пласманот на ЕП 2022.

„Ќе одиме на две победи, мислам дека сме поквалитетни и тоа го покажавме на првите две меѓусебни средби со овие две репрезентации. Секако има во оваа селекција уште многу што да покажува, имаме и млади ракометари желни за докажување па верувам дека ќе имаме успешни два настапи“ – истакна Кузмановски пред денешниот тренинг на репрезентацијата.

Македонија е веќе пласирана на ЕП, но тоа не значи ниту најмало опуштање.

„Од онаа победа против светскиот шампион Данска имаме поголема самодоверба. Токму тој одигран натпревар треба да ни биде пример за секој следен. Добро ги познаваме и Финците и Швајцарците и мора максимално сериозно да одиграме за да дојдеме до победите“ – вели Кузмановски.

Натпреварот меѓу Финска и Македонија се игра во среда (28. април) во Рихимаки од 17 часот, а Швајцарците ќе ги пречекаме на Велигден, во недела (2. мај) во Скопје од 18 часот.

Се вчитува...