Кузмановски: Романците ќе имаат полна сала, но ние одиме на победа како и во Скопје

ЕКИПА во Букурешт,

Стеван Цаневски

Македонските ракометари вечерва го одработеа единствениот тренинг во Букурешт пред утрешниот реванш дуел од баражот за пласман на СП 2023.

Предноста од осум гола е одлична, но нашите репрезентативци најавуваат дека немаат намера да ја бранат позитивата од Скопје, туку сакаат со триумф среде Романија уште повеќе да си ја зголемат самодовербата пред наредниот квалификациски предизвик, двомечот со Чешка кој ќе го даде патникот на наредниот ракометен мундијал.

„Најпрвин би сакал да се заблагодарам на македонската публика, која беше наш осми играч на првиот дуел во Скопје. Да бидам искрен, по две години беше чудно да се игра во таква атмосфера, имавме и мал притисок бидејќи требаше да победиме со што поголема разлика, но на крајот успеавме во тоа. Добро почнавме, направивме солидна предност, но Романците успеаја да израмнат. Во 45. минута имавме водство од минимални 21-20, а потоа влеговме во одличен ритам и успеавме да се одлепиме. Не би ја коментирал нашата игра. Што се однесува со нивната… верувајте не бевме излезени од собата за анализирање. Бевме фокусирани на нивната игра до сите детали, за секој напад. Со ништо не не изненадија. Бевме спремни и за нивните повредени играчи за кои не се знаеше до последно дали ќе играат. Знаевме се, тоа го трениравме и вчера го покажавме. Сега треба да бидеме внимателни да не ни се случи тоа што им се случи нив. Имаме цел, на овие квалификации да победиме на четири натпревари. Ќе биде полна сала, ќе има притисок, но ќе играме како во Скопје и ќе одиме и овде на победа“, изјави Филип Кузмановски, еден од најдобрите во македонскиот национален тим на првиот натпревар.

Се вчитува...