Кузмановски се збогуваше со Хановер, оди кај Миркуловски во Вецлар

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски и дефинитивно кариерата ја продолжува во Вецлар, и тоа уште од овој дел од сезоната. Иако имаше договор со Хановер до крајот на сезонава и преговорите со Вецлар најпрвин се водеа за летен трансфер, на крајот сите засегнати страни постигнаа договор Македонецот да добие зелено светло за трансфер уште во текот на зимава.

Нашиот интернационалец не се најде во составот на Хановер за денешниот бундеслигашки меч, токму против Вецлар, се со цел да не се ризикува несакана повреда што би можела да придонесе трансферот да пропадне.

Откако сите детали беа договорени, се очекува во текот на утрешниот ден Филип Кузмановски да ги мине лекарските прегледи, по што ќе следи и официјалната промоција во новиот клуб, каде во стручниот штаб се наоѓа и македонската ракометна легенда Филип Миркуловски.

Со оглед на малата минутажа што ја добиваше сезонава во Хановер, јасно е дека овој трансфер е добредојден за еден од најдобрите македонски ракометари, кој максимално мотивирано ќе влезе во новиот предизвик и ќе се обиде да ја крене формата на клупски, но и на репрезентативен план, пред продолжението од квалификациите за ЕП 2024.

Се вчитува...