Кузмановски: Секој сака да го даде најдоброто за Македонија

Филип Кузмановски е еден од најзаслужните за извонредните резултати на Работник во првиот дел од оваа натпреварувачка сезона, па младиот бек сега сака во ист стил да продолжи и во дресот на македонската репрезентација. Тој и Талески важат за предводници на новата генерација помлади ракометари, но Кузмановски посочува дека никој нема загарантирано место на списокот на селекторот.

„Јас и Талески сигурно сме најискусни бидејќи бевме дел од репрезентацијата и на последните натпреварувања, но ова е репрезентација и никој не е сигурен патник на СП. Имаме конкуренција, особено на позицијата среден бек, на која настапуваат неколку играчи од мојата генерација или нешто повозрасни, сите желни да остават свој печат во овие подготовки. Секој сака да го даде најдоброто за Македонија, мотивираноста и атмосферата се на високо ниво и очекувам во ист стил да продолжиме и кога ќе почне светскиот шампионат“ – истакнува Кузмановски.

Македонските репрезентативци од денеска се на мини-одмор поради новогодишните празници, а со тренинзи ќе продолжат на 2 јануари.

Се вчитува...