Екипата на Е.Пелистер ги почна денеска подготовките за новата сезона. Со нов тренер во името на искусниот Лино Червар, пелистерци имаат големи очекувања во престојната сезона, и враќање на старите шампионски патеки, односно враќање на приматот најдобар клуб во Македонија.
Капитенот Филип Кузмановски ги искажа своите очекувања од новата сезона, и верува дека доаѓањето на Лино Червар е дополнителна мотивација за ракометарите да дадат максимум и да имаат поголема желба за играње.
„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб, љубовта е огромна кон мојот град, кон навивачите, и се чувствувам среќен тука кога и да излезам на теренот. Мислам дека оваа сезона ќе биде една успешна сезона. Наназад годините направивме добри резултати, беше среќен и градот и навивачите, ќе се обидеме да ги потврдиме истите резултати. Имаме многу нови играчи, и ќе треба време да се адаптираат во оваа средина, но мислам дека со доаѓањето на Лино Червар ќе бидат повеќе мотивирани играчи и ќе имаат желба за играње. Оваа публика знае многу ракомет, и на секој меч ќе имаме максимална поддршка. Секој играч ќе биде мотивиран со доаѓањето на Лино Червар, и мислам дека ќе бара максимум како во одбраната така и во нападот. Ќе бидеме различен тим кој ќе има жар. Искрено ми е малку криво за играчите кои си заминаа, минавме прекрасни спомени, и владееше одлична атмосфера, но спортот е таков, ќе остнаат добрите работи во сеќавање, вртиме нов лист со некои нови играчи, и тие што останаа и мислам дека ќе имаме здрава средина и соблекувална и ќе биде клучот на нашиот успех“, изјави Кузмановски.
Тој кажа дека самиот клуб носи притисок, но е убеден дека секој кој е дел од екипата ќе го даде максимумот.
„Самиот град, самите навивачи и дресот кој го носиме е голем притисок, тежи дресот на екипата, и сакам тоа сите играчи да го ценат и да го знаат. Треба секој да го даде максимумот. Од сезона во сезона во македонското првенство има добри противници. Има доста екпи кои се борат за титулата, не е лесно, има доста време до плеј-офот, и нашите мисли треба да бидат насочени кон нас, и мислам дека чекор по чекор да ги исполниме зацртаните цели“, заврши капитенот на „зелено-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
