Кузмановски: Во главата ни е првиот меч со Словенија

Филип Кузмановски ќе биде еден од главните играчи во бековската линија на Македонија на ЕП 2022, бекот на Хановер играше во одлична форма на последните бундеслигашки натпревари и се очекува со добрите настапи да продолжи и во Дебрецин.

Тој е убеден дека во наредниот период со напорна работа ќе бидат максимално воиграни сите детали во нашата игра и македонската репрезентација максимално подготвена ќе го дочека премиерниот дуел на ЕП против Словенија,  закажан за 13 јануари.

„Јас последен се приклучив бидејќи Бундес-лигата заврши на 28 декември. Гледав максимално да бидам присутен што поскоро со репрезентацијата бидејќи знам дека се подготвуваме сериозно, како на тактички план, така и со видео-анализа. Среќен сум што сме комплетни, што имаме можност да работиме и да тренираме заедно во пресрет на овој европски шампионат. Пред нас се две средби против Израел, кои ќе ги искористиме за воигрување. Сигурен сум дека ќе бидеме подготвени за тој прв меч на ЕП со Словенија, тој натпревар ни е во главата“, изјави Кузмановски.

Македонските ракометари утре ќе го играат првиот од двата предвидени дуели со селекцијата на Израел, што ќе се играат без присуство на публика во СЦ „Борис Трајковски.

Се вчитува...