Квалификации за ЛШ: Бенфика преживеа во Ајндховен, Малме го мина Лудогорец

Бенфика по голема борба ремизираше 0-0 на гостувањето против ПСВ Ајндховен, резултат што беше доволен за португалскиот гигант да стигне до групите од Лигата на Шампионите благодарение на победата од 2-1 на првиот дуел во Лисабон. Фудбалерите на Бенфика 90 минути се бранеа на „Филипс Арена“, а од 32. минута останаа со играч помалку по црвениот картон што заслужено го доби Верисимо. Трагичар на ПСВ беше напаѓачот Захави, кој кон средината на второто полувреме промаши неверојатен зицер кога од пет метри наместо да ја смести топката во празната мрежа биеше само во гредата.

Јанг Бојс исто така се пласираше во групната фаза од Лигата на Шампионите откако швајцарскиот првак и на вториот меч беше подобар од Ференцварош, овојпат со триумф во Будимпешта од 2-3. Ференцварош имаше водство од 2-1 по првото полувреме, но Швајцарците направија целосен пресврт во вторите 45 минути, постигнувајќи два гола преку Фаснахт и Мамбимби, воедно и промашувајќи пенал во 70. минута.

Лудогорец не успеа да обезбеди ново учество во групите од елитното европско натпреварување откако го загуби двомечот од Малме. По поразот од 2-0 на првиот меч во Шведска, денешниот реванш заврши со 2-1 за Лудогорец, резултат што го однесе тимот на Малме во Лигата на Шампионите по третпат во клупската историја.

Се вчитува...