Квалитетот се потврдува само на терен: Победата е единствената опција во Рига

ЕКИПА во Летонија,

Никола Ѓуровски

Квалитетот е на македонска страна, тоа не е тајна, но ќе треба да се потврди и на теренот. Победата е единствената опција за фудбалската репрезентација на Македонија во пресрет на вечерашниот квалификациски натпревар против Летонија, шести во циклусот за ЕП 2020. Овде во Рига ретко кој помислува на фудбал, можеби и нормално е тоа кога летонските фудбалери нижат само порази во квалификациите, а и напаѓачот Иван Тричковски вели дека не треба многу да се размислува за Летонија, туку за македонското издание вечерва (20.45 часот) на стадионот „Даугава“.

„Не размислуваме премногу за Летонците, туку фокусирани сме на нашата игра. Доколку го прикажеме најдоброто од себе, сигурно дека ќе бидеме многу блиску до триумф. Нашата цел се трите бода, се надеваме дека ќе успееме да ги освоиме и да продолжиме позитивно по ремито во Израел. Таму можевме до победа во финишот, но не успеавме, верувам дека во Рига ќе ја оствариме“, вели Иван Тричковски.

Селекторот Игор Ангеловски ќе се одлучи за многу поофанзивна варијанта, со напаѓачка игра треба да се заслужат трите бода.

„Верувам во квалитетот на нашите репрезентативци, уверен сум дека ќе го дадат максимумот и дека ќе сторат се да ја израдуваат македонската јавност со победа. Ја респектираме Летонија, но ние сме дојдени за трите бода. Ќе бидеме офанзивни, агресивни, затоа што посакуваме триумф, да стигнеме до осум бода по шест одиграни кола во квалификицката група, а потоа и да се замешаме со водечките селекции во трката за пласман на ЕП 2020“, истакнува селекторот Игор Ангеловски.

Нема голема заинтересираност во Рига за вечерашниот фудбалски натпревар. Се очекуваат околу 2.000 домашни фанови, што е една петина од капацитетот на стадионот „Даугава“.

Се вчитува...