Квитова до прв трофеј по нападот и повредата

Петра Квитова го освои турнирот во Бирмингем, што е прв трофеј за чешката тенисерка по немилиот настан во декември 2016 година, кога таа беше нападната во својот дом и се здоби со повреди на левата рака. Врз неа веднаш беше извршен хируршки зафат, а неколку месеци подоцна Квитова почна со тренинзи, за минатиот месец да се врати на терените.

Таа играше извонреден тенис во текот на целата седмица, за во ист ритам да настапи и во денешното финале против Барти Ешли од Австралија, триумфирајќи со 2-1 во сетови. Ешли благодарение на извонредниот сервис во првиот сет поведе со 1-0, но чешката тенисерка потоа целосно ја презеде контролата, ги доби следните два сета со 6-3, 6-2 и се закити со трофејот.

Ова е одлична увертира за Квитова во пресрет на почетокот на Вимблдон, гранслем турнир што таа веќе два пати го има освоено, во 2011 и во 2014 година.

Се вчитува...