ЛА Лејкерс се број 1 на „западот“

Екипата на Лос Анџелес лејкерс триумфираше на дуелот против Јута со 116-108, со што „езерџиите“ го осигураа првото место во западната конференција во пресрет на плејофот. Успехот е уште поголем ако се знае дека овој тим лани воопшто не се пласираше во доигрувањето за титулата, а ова е првпат по десет години лејкерси да бидат број 1 на „западот“ по регуларниот дел од сезоната. Ентони Дејвис одигра извонреден меч за „езерџиите“ постигнувајќи 42 поени во триумфот над „џезерите“, Леброн заврши со 22 поени, 8 скока и 9 асистенции, додека кај Јута најефикасен беше Донован Мичел со 33 постигнати поени.

Многу интересно беше на дуелот Оклахома Сити – Денвер, на кој Никола Јокиќ го предводеше својот тим до триумф од 121-113, дури по продолжението од пет минути. Српскиот центар оствари трипл-дабл од 30 поени, 12 скокови и 10 асистенции.

Торонто најпрвин прокоцка „плус 17“ на дуелот со Мајами, „жешките“ поведоа во последната четвртина, но актуелните НБА-прваци се разбудија во вистински момент и на крајот стигнаа до заслужена победа од 107-103. Ван Влет со 36 поени го предводеше Торонто во овој триумф, Сиакам реализираше 22 поени, додека на Мајами не му помогна одличната партија на Горан Драгиќ и неговите 25 поени.

НБА резултати:

Њу Орлеанс – Мемфис 109-99, Филаделфија – Сан Антонио 132-130, Јута – ЛА Лејкерс 108-116, Мајами – Торонто 103-107, Оклахома Сити – Денвер 113-121 (по прод.), Вашингтон – Индијана 100-111.

Се вчитува...