Ла Лига: Меси не може туку така само да си замине!

Лионел Меси отворено и порача на Барселона дека заминува, повикувајќи се на клаузулата од последниот договор според која на крајот од секоја сезона може еднострано да го раскине договорот.

Но, од Ла Лига преку официјално соопштение, како би ја разјасниле ситуацијата, информираат дека Меси не може туку така само да го напушти клубот.

Претходно и Барселона се огласи потенцирајќи дека Аргентинецот може да замине само доколку биде платена отштетната клаузула од 700 милиони евра, затоа што Меси има договор до јуни 2021 година. Каталонците исто така се уверени дека поминат е рокот (10. јуни) до кој Меси има право да ја активира клаузулата за раскин на договорот.

Сега и раководството на Ла Лига информира, испраќајќи официјален допис до сите инволвирани страни, дека „моменталниот договор на Лионел Меси и Барселона се уште е важечки и плаќање на отштетната клаузула од 700 милиони евра е единствен начин за раскин на договорот“.

Сепак, правниот тим на Меси, и по овој документ е убеден дека аргентинскиот репрезентативец има право на заминување од клубот. Решени се да одат до крај во постапката за ослободување на фудбалерот и покрај тоа што Барселона во моментов пред правосудните институции на Шпанија е во пол-позиција.

Се вчитува...