Ла Лига против Премиерлига – Европскиот шампион повторно ќе биде од Англија или Шпанија

Со завршувањето на денешните четвртфинални натпревари познати се сите учесници во полуфиналето во Лигата на шампионите. Како и во претходните години повторно шампионот ќе го даде една од двете најсилни лиги во Европа, шпанската Ла лига или англиската Премиер-лига.

Манчестер сити против Реал Мадрид и Ливерпул – Вилјареал се полуфиналните двојки во годинашното издание во елитното натпреварување. Од 2010 година кога на врвот на Европа се искачи италијанскиот Интер, во последните единаесет изданија дури девет пати славеа тимови од овие две лиги. Два пати сметките успеа само да им ги помати Баерн Минхен во 2013 и во онаа карантинска 2020 година.

Првите полуфинални натпревари на кои домаќини ќе бидат Англичаните се закажани за 26. и 27. април, а реваншите се закажани недела подоцна во Мадрид, односно Вилјареал. Финалниот меч ќе се одигра на 28. мај на „Стад де франс“ во Париз.

 

Се вчитува...