„Ладен туш“ за „кралевите“: Перез им соопштил на играчите дека Мбапе нема да дојде во Реал!

Фудбалскиот свет со нетрпение очекува Килијан Мбапе да ја соопшти одлуката, каде ќе ја продолжи кариерата. Францускиот ас, по завршувањето на сезоната ќе биде слободен играч. ПСЖ и Реал Мадрид се тркаат за неговиот потпис.

До пред некој ден се чинеше дека Мбапе ќе се пресели во Мадрид, но според новинарот Гиљемо Балаг, на „Сантијаго Брнабеу“ не се сигурни дека ова ќе се случи.

Балаг тврди дека претседателот на Реал, Флорентино Перез, токму тоа им го кажал на играчите на „кралскиот клуб“ во соблекувалната по синоќешниот натпревар против Бетис.

„Само што ми кажаа дека Флорентино Перез вечерва во соблекувалната им рекол на играчите дека Мбапе нема да дојде. Да почекаме и да слушнеме што ќе каже Мбапе пред да потврдиме нешто“, напиша Балаг на „Твитер“.

Последната информација која ја откри мајката на Мбапе е дека двете понуди на Реал и на ПСЖ се сосема исти. И дека самиот Килијан ќе треба да ја реши дилемата каде ќе ја продолжи кариерата по 30 јуни.

Сепак, конечното решение на оваа сапуница, која предолго трае, треба да се слушне во недела, кога Мбапе најави на светот ќе му ја соопшти својата одлука.

Се вчитува...