Лајпциг со нова офанзива по Елиф Елмас

Елиф Елмас повторно е актуелен на фудбалскиот пазар, Наполи одби неколку богати понуда за македонскиот репрезентативец во текот на летово, а еден од најупорните клубови во минатиот преоден рок беше Лајпциг. Челниците на Лајпциг не се откажуваат од Елмас, па веќе се востпоставени нови контакти со Наполи, со цел „дијамантот“ веќе во јануари да си замине од Калчо-лигата и да се пресели во Германија.

Како што информира италијанскиот весник „Кориере дело спорт“, понудата на Лајпциг изнесува 25 милиони евра, од кои 20 милиони евра ќе бидат загарантирани за „наполитанците“, а пет милиони поврзани со неколку клаузули.

Интересно, Лајпциг нудеше над 30 милиони евра во текот на летото, но ситуацијата сега е променета, Елмас четири месеци не беше стандарден во првиот тим, а згора на тоа се ближи и истекот на неговиот договор со Наполи (до јуни 2025). Сето тоа влијае цената на македонскиот ас да се спушти, а на потег е Аурелио де Лаурентис, кој сака да го задржи Елмас, но од друга страна и е свесен дека ако Елиф не потпише нов договор (што е тешко да се случи), вредноста дополнително ќе му падне до почетокот на летото.

Лајпциг во јануари ќе остане без Форсберг, шведскиот ветеран се сели во МЛС-лигата, а германскиот клуб токму во Елмас гледа идеална замена за една од најголемите клупски легенди.

Се вчитува...