Лалана си замина од Ливерпул, но останува во Премиер-лигата

Адам Лалана стави крај на шестгодишната авантура во Ливерпул потпишувајќи тригодишен договор со екипата на Брајтон. Англискиот играч за врска минатата сезона имаше значително намалена минутажа, а откако „црвените“ не му понудија нов договор тој како слободен играч си замина од „Енфилд“.

Лалана долго време беше поврзуван со преселба кај Брендан Роџерс во Лестер, за во последен момент да се премисли и да потпише договор со Брајтон.

„Добро познати се квалитетите што ги поседува Адам Лалана, тој има играно на највисоко ниво на клупски и репрезентативен план, има богато искуство и технички е извонредно поткован. Трофеите освоени со Ливерпул, како и почитта што сите во клубот ја имаат кон Адам се најдобар доказ за неговите фудбалски квалитети, но и неговите човечки особини“, изјави стратегот на Брајтон, Грем Потер.

Лалана е вториот фудбалер што денеска го комплетираше заминувањето од Ливерпул, по преселбата на Дејан Ловрен во Зенит.

Се вчитува...