„Лалињата“ победија за Хрватска, Унгарките подобри од Романија

Холандија по огромна битка славеше над Германија со 28-27, резултат од кој најмногу профитираа ракометарките на Хрватска во пресрет на утрешните последни битки за влез во полуфиналето. „Коцкестите“ претходно ја совладаа Холандија со два гола разлика, па по денешниот резултат, Хрватска може да си дозволи и пораз од „минус еден“ на утрешниот последен меч со Германија и сепак да се пласира во полуфиналето од европскиот шампионат (доколку Холанѓанките во својот меч од последното коло ја совладаат Романија).

Холанѓанките со оглед на негативниот скор (победа од еден, пораз од два гола разлика) немаат шанси за полуфинале доколку трите селекции ја завршат групната фаза со идентичен број на бодови. Абинг беше најефикасна во холандскиот состав со осум гола.

Во вториот дуел што се играше вечерва Унгарија ја совлада Романија со резултат 26-24. Двете селекции беа без шанси за пласман во полуфиналето, а поумешни на теренот беа унгарските ракометарки, кои со подобра игра во последните седум минути стигнаа до победата. Шацл со седум гола ги предводеше стрелците на овој меч, додека Неагу постигна пет погодоци при новиот пораз на Романија.

Се вчитува...