Ланска реприза: „Вардарки“ по одмазда против ЧСМ Букурешт

Среќата повторно му беше наклонета на ЖРК Вардар при денешното извлекување на полуфиналните двојки од фајналфор турнирот од Лигата на шампионите, на кое „вардарки“ за ривал го добија ЧСМ Букурешт. Романскиот тим ќе допатува во Будимпешта како актуелен европски шампион, но во секој случај важеше за најлесен од трите потенцијални ривали на „црвено-црните“, крај Будуќност и Ѓер.

Денешното извлекување имаше идентичен исход како и она ланското, Вардар во првото полуфинале во 15.15 часот ќе се сретне со ЧСМ, за потоа во вториот дуел Будуќност да ги одмери силите со Ѓер.

Само за потсетување, Вардар со фаворитска улога влезе во ланското полуфинале, но неочекувано беше запрен од романскиот состав, кој предводен од извонредната голманка Јелена Грубишиќ славеше со 27-21.

ЖРК Вардар во претходните три години успеваше да стигне до фајналфор турнирот во Будимпешта, но редовно губеше во полуфиналето. Останува да се види дали годинава ќе се направи тој чекор напред, па македонскиот првак ќе заиграво големото финале од Лигата на шампионите.

Полуфиналните натпревари во салата „Ласло Пап“ во Будимпешта ќе се играат на 6 мај, а финалето и мечот за бронзениот медал се закажани за 7 мај.

ДВОЈКИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕ

БУДУЌНОСТ – ЃЕР

ЧСМ БУКУРЕШТ – ВАРДАР

Се вчитува...