Ласко Андоновски: Атмосферата во Охрид ги мотивира и гостинските играчи

Охрид и Пролет ќе ги одмерат силите во деветтото коло од ракометната Супер-лига, меч на два директни ривали за место во плејофот. Ракометарите на Пролет забележаа победи во последните пет кола, серија што ќе се обидат да ја продолжат и на неделното гостување во Охрид. Капитенот Ласко Андоновски е оптимист дека Пролет ќе прокнижи нови бодови, потенцирајќи дека атмосферата во Охрид дополнително ќе ги мотивира и ракометарите на скопскиот клуб.

„Во првото коло лесно го совладавме Охрид, но знаеме дека овојпат задачата ќе биде многу потешка. Охрид во меѓувреме влезе во победнички ритам и заслужено се наоѓа во горниот дел од табелата. Сигурно ќе стори се за да ја продолжи победничката серија и против нас, но и ние одиме во натпреварот со сопствени сметки. Забележавме пет победи во последните пет кола и сакаме да продолжиме во ист ритам. Противникот го краси цврста игра во одбраната, но и ние имаме свои адути, треба да играме брзо во напад и цврсто во дефанзива. Ако успееме во тоа, ќе имаме реални шанси за освојување на нови бодови. Јасно е, во таква атмосфера домаќините се во предност, но слободно можам да кажам дека тоа ќе биде мотив и за нас. Секој сака да игра во полна сала, да се докаже пред што побројна публика. Охриѓани создаваат убава атмосфера, затоа очекувам квалитетен натпревар во кој бодовите се важни и за двете екипи“ – истакнува капитенот Ласко Андоновски за официјалната веб-страница на РК Пролет.

Натпреварот меѓу Охрид и Пролет на програмата е в недела со почеток во 19 часот.

Се вчитува...