Лацио донесе две значајни засилувања

Клаудио Лотито повторно ги „размрда“ работите на трансфер-пазарот на Лацио, успевајќи да договори две значајни засилувања за римскиот клуб. „Лацијалите“ денеска ќе потпишат договор со Жоакин Кореа, кој ќе пристигне од редовите на Сампдорија за сума од 16 милиони евра и ќе претставува замена за Фелипе Андерсон, кој си замина од Рим за преселба во Вест хем во тројно поскап трансфер.

За утре „лацијалите“ имаат договорено уште едно засилување, Милан Бадељ конечно реши да повлече потег за својата иднина и ја прифати понудата за тригодишна соработка со овој римски клуб. Бадељ беше поврзуван со Милан, пред неколку дена се шпекулираше дека е близу и до Спортинг Лисабон, но асот на Фиорентина сепак реши да остане во Италија и како слободен играч да се пресели во таборот на Лацио.

„Со Бадељ добиваме играч со меѓународно искуство, нешто што сигурно ќе ни биде од корист. На местото на Андерсон го земавме Кореа, млад и талентиран играч што ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети“ – изјави тренерот на Лацио, Симоне Инзаги.

Се вчитува...