Лацио го освои „Сан Сиро“, нова шлаканица за Милан

Резултатската криза на Милан повторно се продлабочи откако „росонерите“ загубија уште еден натпревар на домашен терен, овојпат пресметката со Лацио со резултат 1-2.

Конечниот исход е заслужен ако се знае дека гостите покажаа повеќе на натпреварот, користејќи ги слабостите што тренерот Пиоли дефинитивно не успева да ги отстрани во изминатиот период откако дојде на клупата на „росонерите“. Имобиле ја имаше првата стопроцентна шанса погодувајќи ја гредата, но само една минута подоцна асот на Лацио го отвори резултатот со прецизен удар со глава.

Милан израмни среќно, откако ударот на Пјонтек го закачи Бастос и заврши во мрежата, но Лацио во второто полувреме сепак успеа да стигне до триумф, откако Кореа ја затресе мрежата на Донарума.

Лацио со оваа победа има 21 бод и се наоѓа на делба на четвртото место со Аталанта и со Калјари, додека Милан се наоѓа на 11. позиција на табелата. Во следното коло „росонерите“ му гостуваат на шампионот Јувентус, додека Лацио на домашен терен ќе го пречека Лече.

Се вчитува...