Лацио и Наполи ќе играат пред навивачи, дербито Јуве – Интер на празен стадион

Големото дерби на Калчо-лигата меѓу Јувентус и Интер ќе се игра пред празни трибини, потврдија вечерва италијанските власти, прифаќајќи ја иницијативата на челниците на Серија А, оние натпревари што треба да се играат во регионите загрозени од коронавирусот, да не се одложуваат, туку да се играат без присуство на навивачи.

Дуелот меѓу Јуве и Интер според многумина ќе биде решавачки во трката за скудетото, беше најавуван спектакл во Торино, но сега мечот ќе може да се проследи само пред ТВ-екраните, исто како и натпреварите Милан – Џенова, Парма – Спал и Сасуоло – Бреша.

За натпреварот меѓу Сампдорија и Верона што треба да се игра в понеделник, ќе биде донесена дополнителна одлука во зависност од развојот на ситуацијата во Џенова.

Во оние региони од Апенинскиот полуостров што не се загрозени од коронавирусот, средбите ќе можат да се играат во нормални услови, со навивачи на трибините.

Лацио ќе има поддршка од своите верни фанови на дуелот со Болоња, исто како и „наполитанците“ на мечот со Торино, а навивачи ќе можат да ги следат и натпреварите Лече – Аталанта и Калјари – Рома.

Се вчитува...