Лацио има зошто да се плаши од Пандев

Горан Пандев се рехабилитираше од повредата на последниот меч со Болоња, па македонскиот ас ќе може да настапи за Џенова на неделниот дуел против својот поранешен клуб Лацио.

Римјаните ќе допатуваат на „Мараси“ свесни за негативната традиција која вели дека во последните девет сезони немаат освоено цел плен на гостувањата против Џенова. Воедно, против себе ќе го имаат и Пандев, кој е максимално мотивиран секогаш кога настапува против клубот што го тужеше по војната со претседателот Клаудио Лотито.

„Пандев има одиграно речиси 200 натпревари за Лацио, постигнувајќи 64 погодоци за овој клуб (најмногу во однос на сите екипи за кои има настапувано). Откако си замина од Рим, Лацио стана негова омилена „жртва“, а Пандев пет пати ја затресе мрежата на овој клуб“, пишуваат медиумите кои информираат за случувањата во Лацио.

Последниот погодок беше оној за победа на Џенова од 1-2 среде Рим, на 4 февруари 2018, а Пандев претходно успешно стрелаше и при ремито од 2-2 на „Мараси“, на 15 април 2017 година.

Македонскиот интернационалец сезонава веќе има шест погодоци за Џенова, последниот од нив за победа над Калјари од 1-0 на натпреварот одигран на 9 февруари.

Се вчитува...