„Лавовите“ го гризнаа Велазерими и направија огромен чекор до прволигашка промоција (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров го добија дербито на Втората лига Запад против Велазерими со 2-0, и направија огромен чекор кон пласманот во Првата фудбалска лига. Во еден жесток дуел на стадионот во Ѓорче Петров, „лавовите“ покажаа подобра игра и славеа со головите на Иван Настевски во 63.минута и на Боби Божиновски во 75.минута. Во финишот домаќинот остана со играч помалку поради исклучувањето на Трајче Стојковски, но Велазерими немаше сили да возврати. Сепак, можеби се ќе беше поинаку доколку на Велазерими во првото полувреме не му беше поништен погодок поради офсајд позиција.

Гостивар се проби на втората позиција со триумфот од 4-1 против Струга Трим-Лум. Един Мерсовски беше стрелец на првите два гола за гостиварци, Арбен Тафе намали на 2-1 во 14.минута, а во вториот дел Илирид Адеми постигна два погодоци, за убедлива победа. Еуромилк и Зајази ремизираа 1-1. Рафески погоди за домаќинот, а Руфати во самиот финиш го израмни резултатот. Тетекс го совлада тимот на Лабуништа со 2-1, додека Локомотива беше подобра од Новаци со 2-0.

 

 

Се вчитува...