„Лавовите“ сакаат крај на серијата порази, но Ренова не им е најдобра прилика

Денеска ќе се одиграат пет натпревари од деветото коло во Првата македонска фудбалска лига. Ќе се играат неколку интересни мечеви, во пресрет на дербито кое утре се игра на „Чаир“, а на кое Шкупи ќе го пречека составот на Работнички.

Во Скопје ќе се играат два натпревари, а во еден од нив Македонија Ѓорче Петров ќе ги одмери силите со Ренова. Интересен натпревар од неколку аспекти.

Македонија ЃП е во серија од три првенствени порази, и ќе сака крај на лошата серија, но има ривал кој не е добра шанса. Ренова, пак, исто така има серија од три меча, но со победи. Интересен е податокот дека на последните 11 меѓусебни пресметки меѓу овие два ривали, домашниот тим има само една победа. Тоа се случило кога „лавовите“ со 3:1 ја совладале Ренова во 2019 година.

„Лавовите“ немаат друг избор освен да одат на трите бода на денешниот меч на свој терен.

„Очекувам добар меч. Ренова е добра екипа и респект за нив, но ние играме дома и мораме да покажеме квалитет, и дека не заслужуваме да бидеме таму каде што сме сега на табелата. Во моментов сме во мала криза, но ќе излеземе од тоа. Добар тим сме и мислиме само како трите бода да останат во Ѓорче“, рече дефанзивецот на „лавовите“ Есмин Личина.

Ренова сезонава игра добро. Со само еден пораз и едно реми, „гипсарите“ покажаа дека сезонава ќе сакаат да стигнат до Европа, а зошто да не и да се обидат и за нешто повеќе.

Тимот на Ќатип Османи подготвен го чека овој дуел со Македонија ЃП во кој ќе бара нова победа и продолжување на успешната серија.

„Мислам дека имаме одлична екипа и дека ќе бидеме максимално подготвени за дуелто со Македонија ЃП. Очекуваме да продолжиме во исто темпо. Играме со квалитетна екипа која сака да игра фудбал, ги респектираме, но имаме наша цела. А тоа е да продолжиме со серијата на победи“, вели фудбалерот на Ренова, Емран Рамадани.

Во другите мечеви, Брегалница ја пречекува Струга Трим Лум, а Скопје игра против Академија Пандев. Шкендија дома го пречекува Борец, а Пелистер во Битола игра со Тиквеш.

ПРВА ЛИГА – 9. КОЛО (денеска, 15 ч.)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА ТЛ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РЕНОВА

Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ

Скопје: СКОПЈЕ – АК. ПАНДЕВ

Тетово: ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ

УТРЕ (15 ч.)

Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ

Се вчитува...