Лазаревски: Загубивме од пенал, а имаше два недосудени и за Работнички

Работнички загуби минимално (1-0) од Силекс во Кратово во 29.коло од Првата фудбалска лига и ја прекина убавата низа од две последовни победи. Кратовскиот тим победи со голот од пенал на Бобан Георгиев во 63.минута, но, „романтичарите“ тврдат дека во финишот имаше ситуација да биде досудена најстрога казна по стартот над Баже Илијоски. Судијата Димитар Мечкаровски не се огласи.

Тренерот Баже Лазаревски со своја анализа за мечот против Силекс, но и најава за следниот првенствен меч, в среда во Скопје против Победа.

„Одигравме солиден меч, создадовме неколку шанси, но не ги искористивме. Силекс постигна гол од пенал, но мора да се истакне дека имаше и два недосудени пенали за Работнички. Посебно во финишот, при акцијата на Баже Илијоски. Сепак, не сакаме алиби за нашиот пораз, ги анализиравме грешките и ќе се потрудиме да ги корегираме веќе за следниот првенствен натпревар, в среда против Победа. Би било добро да го заборавиме веднаш поразот од Силекс и експресно да се вратиме на победнички колосек“, изјави шефот на стручниот штаб, Баже Лазаревски, за официјалниот сајт на клубот.

Се вчитува...