Лазаров: Чест ни е што гo имаме Червар за селектор

Кире Лазаров е оптимист околу иднината на македонскиот ракомет, посочувајќи го Лино Червар како стратегот со кој нашиот национален тим и во иднина ќе го одржи континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Македонскиот капитен во интервју за порталот „Магодиумаго“ го опишува Хрватот како најдобра опција за кормилар на нашиот национален тим, а од репрезентацијата со Червар на клупата очекува уште подобри резултати како што ќе минува времето.

Лино беше најтрофеен тренер на последниот мундијал од сите селектори кои беа присутни во Франција, нам ни е чест што имаме кормилар со така висок рејтинг. Го познавам Лино долго и ја знам неговата систематска работа и упорност. Искрено, не очекував ништо големо на почетокот на тој процес, иако не смеев тоа јавно да го кажам пред играчите како капитен на репрезентацијата. Целта што е поставена е јасна – да поставиме база и да останеме на големата сцена да играме на врвните натпреварувања и во следната деценија“ – изјави Лазаров.

Најдобриот стрелец на последниот ракометен мундијал го оцени остварениот резултат како успех, посочувајќи дека тој лично сепак секогаш очекува повеќе.

Ова е почеток на нов олимписки циклус, Македонија тргна во создавање на нова репрезентација, така што во составот имавме половина дебитанти. Мислам дека за тие дебитанти и за младите играчи мундијалот добро им дојде, за во иднина да имаме силна база и да создадеме репрезентација за почит што ќе може да се носи со најсилните. Од игрите на мундијалто во Франција сум делумно задоволен бидејќи секогаш целам на повеќе и никогаш не сум целосно задоволен од оствареното. Наша прва цел пред СП беше влез во осминафиналето, а второ нешто што го зацртавме беше да го избегнеме и четвртото место и дуелот со Франција во осминафиналето. И двете работи ги остваривме“ – посочи македонскиот капитен.

Се вчитува...