Лазаров диригираше од клупа – ракометарите го совладаа Израел

Ракометната репрезентација на Македонија славеше со 31-28 на пријателскиот натпревар против Израел, претпоследен што нашите ракометари ќе го играат пред почетокот на ЕП 2022. Селекторот Кире Лазаров воопшто не влезе во играна овој меч, бундеслигашите Кузмановски и Миркуловски имаа лимитирана минутажа, додека Пешевски воопшто не беше во составот, но „црвено-жолтите“ сепак успеаја да најдат начин да стигнат до победата. Самодовербата сигурно дополнително ќе биде крената, но Израелците исфрлија на површина и проблеми во функционирањето на нашата одбрана, нешто што ќе мора да се подобри до стартот на европскиот шампионат и премиерниот дуел со Словенија на 13 јануари.

Македонија го почна мечот со Митревски на голот, Серафимов, Ѓоргиев и Талески како бекови, Стоилов на пивот и крилата Цветан Кузманоски и Костески. Израелците подобро го отворија мечот, поведоа со 1-4, резултат при кој Митревски одбрани зицер. При 2-4 гостите не реализираа и седмерец, а Македонија го искористи тоа и израмни на 5-5 со голот од крило на Костески.

Првото водство на Македонија беше во 14. минута, кога Цветан Кузманоски погоди од седум метри за минимални 7-6. Костески продолжи со своето гол-шоу и донесе предност од 10-8, за тајмаут на израелскиот селектор. Неговите совети вродија со плод, гостите постигнаа три гола во низа, па при резултат 10-11 Кире Лазаров беше селекторот што беше принуден да побара минута одмор. Серијата на противникот ја прекина Филип Кузмановски со својот прв гол на мечот, но Израел сепак замина на одмор со водство од 14-15, по погодокот што пред самиот крај на полувремето го постигна Мишевски.

На стартот на второто полувреме на теренот се појави и Филип Миркуловски, Македонија благодарение на двата гола на Цветан Кузманоски израмни на 17-17, пропуштајќи две одлични шанси за да се стигне во водство. Израелците имаа „плус два“, но Македонија се врати и преку Талески во 44. минута стигна до водство од 21-20. Во ритам влегоа и крилата, па со головите на Кузмановски и на Костески стигнавме до предност од 23-21.

Израелскиот селектор побара тајмаут, но Македонија продолжи да го контролира мечот и во преостанатите десетина минути од мечот. На голот застана Мартин Томовски, кој имаше неколку успешни интервенции, Предноста беше рутински задржана до самиот крај, за конечни 31-28 за Македонија.

Ненад Костески со пет гола беше најдобар стрелец во македонскиот табор, а Цветан Кузманоски и Филип Кузмановски реализираа по четири погодоци во овој триумф.

Македонија и Израел утре ќе го одиграат и вториот пријателски дуел од овој двомеч, средба што ќе претставува „генералка“ за нашите ракометари пред патот за Унгарија.

Се вчитува...