Лазаров: Добро е што ЕП е со 24 селекции, за да се приближиме до фудбалот и кошарката

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров е подготвен за стартот на европскиот шампионат, а најдобриот македонски ракометар ја поздрави и идејата на ЕХФ за зголемување на бројот на селекции на европските првенства. Ова издание ќе биде прво со 24 селекции, а Лазаров смета дека тоа е одличен потег за популаризација на ракометниот спорт, без оглед што сега за репрезентациите ќе биде потешко да се обезбеди пласман во втората фаза.

„Можеби е потешко да се стигне до следната рунда, но треба да се биде реален и да се признае и дека дел од противниците се послаби од оние што вообичаено ги имавме на европските шампионати. Мислам дека тоа е добар потег, да се мотивираат помалите земји што инвестираат во ракометот и да им се овозможи да станат дел од големите натпреварувања. Тоа ќе придонесе да дојде до поголем развој во тие држави на ракометен план, а воедно и ќе придонесе за уште поголема популаризација на ракометот, за да се приближиме до фудбалот и кошарката“, изјави македонскиот капитен.

Лазаров не настапи на последните две контролни средби во Словенија, но македонскиот капитен ќе биде подготвен за настап на утрешната пресметка со Украина.

Се вчитува...