Лазаров е спортски феномен – и на 40 години е „ѕвер“ на терен

Кире Лазаров денеска полни 40 години, како потврда за она што е веќе добро познато не само за македонската, туку и европската ракометна јавност. Македонскиот „бомбардер“ е вистински феномен, па дури и на залезот на кариерата игра на највисоко можно ниво, „решета“ во силна лига како што е француската и постигнува клучни голови како оној за победа на македонската репрезентација на отворањето на ЕП 2020 против Украина.

Јасно е дека на кариерата на големиот ас и се ближи крајот, но тој се уште има што да покаже на теренот. Нант е меѓу фаворитите за вајлд-карта за ЛШ што ќе му овозможи на македонскиот ас уште еднаш да заигра во елитното европско натпреварување, каде ионака е убедливо најдобар стрелец во историјата.

Најголемите успеси на македонскиот репрезентативен ракомет се поврзани токму со името на Лазаров, кој цели 20 години со гордост го носи црвено-жолиот дрес.

„Се додека можам, тука сум да помогнам и да го пренесам искуството на помладите во репрезентацијата“, во повеќе наврати повторува Лазаров, истакнувајќи дека нема намера да се повлече се додека може да придонесе за доброто на националниот тим.

Првото големо натпреварување му беше СП во Египет во 1999 година, а доколку Македонија добие вајлд-карта, нема сомнеж дека Лазаров ќе учествува и на мундијалот што ќе се одржи во истата држава во 2021, како заокружување на неверојатната репрезентативна кариера.

Се вчитува...