Лазаров е во финалето: Скапите ѕвезди на ПСЖ под нозете на Нант

ЕКИПА во Келн,

Симон Котларов

Нант е првиот финалист на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, откако Кире Лазаров со осум гола ја предводеше оваа екипа до огромен успех, триумф над големиот ривал ПСЖ со резултат 32-28. Победата е апсолутно заслужена ако се знае дека Нант водеше речиси цел натпревар, одлично диктирајќи го темпото. „Светците“ се заканија дури во последните петнаесетина минути, но во клучните моменти Нант на голот го имаше Думулан, кој му одбрани два удари на Хансен (еден пенал) и ја осигура победата. Лазаров беше извонреден и со осум гола имаше значаен придонес во големото финале, воедно и стана најдобар стрелец во историјата на фајналфор турнирите.

ПСЖ ги отвори првите минути со нешто подобра игра и поведе со 3-1, а Нант првите два гола ги постигна со пеналите на Кире Лазаров. Ракометарите на Нант добија на сигурност, заиграа многу поцврсто во одбраната, па набрзина го свртеа резултатот во своја полза и поведоа со 9-6, откако „светците“ останаа без постигнат гол повеќе од шест минути. Во меѓувреме Сердарушиќ го промени Омејер на голот и го внесе Коралес, кој во 16. минута му го одбрани првиот пенал на Лазаров (по три успешни реализации на Македонецот). Нант го контролираше мечот во поголемиот дел од полувремето, во неколку наврати имаше и пет гола предност (13-8, 15-10, 16-11), за ПСЖ да заигра нешто подобро во самиот финиш и на одмор да се замине со резултат 17-14.

Тренерот Анти очигледно на полувреме даде вистински совети до ракометарите на Нант, кои за само неколку минути со серија од три гола стигнаа до најубедливи „плус шест“ во ова полуфинале. ПСЖ одговори со сопствени три гола во низа, но Лазаров и соиграчите умешно ја одржуваа позитивата. Хансен само за момент ја спушти разликата на два гола во 46. минута (23-21), за Нант да одговори адекватно, па со пеналот на Лазаров и неговиот седми гол во последните десет минути да се влезе со водство на тимот на Македонецот од 27-23.

Кире Лазаров во наредниот напад погоди уште еден пенал за 28-23, но ривалот од Париз успеа да се врати, па на пет минути до крајот Нант имаше само „плус два“ (29-27). Анти побара тајмаут, во следните два напади Нант ја погодуваше само рамката од голот на Омејер, но Думулан со извонредна интервенција спречи израмнување преку Хансен на три минути до крајот (29-28). Турнат погоди за 30-28, но Нант се соочи со пекол во последните две минути откако беше досуден пенал, а екипата на Лазаров беше на теренот со двајца играчи помалку од противникот.

Сепак, Думулан ја заврши главната работа бранејќи го пеналот на Хансен, трасирајќи го патот кон финалето на Нант, за конечни 32-28.

Кире Лазаров беше извонреден со осум погодоци, седум од нив од пенал, Турнат постигна седум, а најзаслужен е голманот Думулан кој имаше извонредно издание на голот на Нант.

Сега на ред е Вардар, по елиминацијата на ПСЖ патот кон одбрана на трофејот е барем малку полесен, но најпрвин ќе мора да се мине полуфиналната пречка наречена Монпелје.

Се вчитува...