Лазаров и Миркуловски – „старите волци“ што знаат како се победува за Македонија

Процесот на подмладување е веќе почнат, но многу работи во играта на македонската репрезентација зависат од Кире Лазаров и од Филип Миркуловски, „старите волци“ кои и на залезот од кариерата се пример за сите останати, по професионализмот и пристапот кон ракометната игра.

Впрочем, Лазаров неслучајно веднаш по доаѓањето на кормилото се реши да го врати Миркуловски назад во националниот тим, како играч, но и дел од неговиот стручен штаб.

„Имаме смена на генерации и се согласивме дека моето доаѓање на селекторското емсто е најдобра солуција за репрезентацијата. Работиме заедно, а освен Миркуловски во стручниот штаб имаме уште неколку поранешни репрезентативци, кои даваат свој придонес“, изјави Лазаров.

За Филип Миркуловски настапот во Дебрецин ќе биде негово шесто европско првенство, за дефинитивно збогување од националниот тим.

„Имаме богати кариери за нас, се уште играме во големи клубови. Младите играчи можат многу да научат кога се крај нас на теренот, што е одлично за иднината на репрезентацијата“, вели Миркуловски.

„Многу разговарав со Филип за начинот на работа во Вецлар, каде исто така е дел од стручниот штаб. Се обидовме да ги вклопиме најдоброто од мојот и од неговиот ракометен свет и да направиме комбинација од која ќе профитира репрезентацијата на Македонија“, оптимист е Кире Лазаров.

Се вчитува...