Лазаров и Нант испуштија победа против европскиот првак

Нант и Кил ремизираа 24-24 во рамките од Лигата на Шампионите, исход од кој далеку поразочарани ќе бидат Кире Лазаров и неговите соиграчи, кои испуштија шанса да го земат скалпот на европскиот првак. Имено, францускиот претставник беше многу блиску до триумф бидејќи во последните десетина минути неколку пати имаше „плус три“, но падот на концентрацијата во самиот финиш овозможи Кил да стигне до израмнување.

Нант имаше напад за победа со играч повеќе, но пивотот не ја прифати топката по додавањето на Лазаров, па овој дуел заврши без победник. Македонскиот капитен беше одличен постигнувајќи пет гола, со што беше најдобар стрелец на својот тим, пред Мин со четири погодоци.

Во вториот меч што се играше од 18.45 часот во Лигата на Шампионите, Киелце како гостин го совлада тимот на Пик Сегед со 26-30. Дуелот беше израмнет се до средината од второто полувреме (22-22), по што избраниците на Душебајев заиграа одлично во одбраната, во последните 15 минути примија само четири гола и заслужено стигнаа до триумф. Алекс Душебајев со осум и Караалек со пет гола беа најефикасни кај Киелце, додека прв стрелец на Пик Сегед при вечерашниот пораз беше Габер со пет погодоци.

Се вчитува...